Дури три години по преименувањето, поставена табла со името на Билјана Беличанец на Домот на култура!

by fokus

Табла на влезот во Домот на култура Кисела Вода, на која е испишано името на починатата актерка и поранешна градоначалничка на општината, Билјана Беличанец, е поставена дури по три години, откако во 2019 година, по нејзината смрт беше најавено преименување на Дом на културата КВК во Билјана Беличанец.

Трагедијата на Беличанец ја остави јавноста во неверување. Таа си го одзеде животот во својата 45-та година, на 6-ти април 2019 година, а два дена потоа беше најавена иницијативата за преименување на домот, за време на вонредна седница на Советот, свикана по повод нејзината смрт.

Иницијативата ја најави тогашниот градоначалник Филип Темелковски.

И комеморацијата за актерката и поранешна градоначалничка се одржа токму во Домот на културата, кој во минатото бил кино, а потоа во време на мандатот на Беличанец кој траеше од 2013 до 2017 година, беше темелно реконструиран и адаптиран.

Зошто се чекало толку долго, за да се постави таблата со новото име на домот, нема официјална информација, а фотографија со таблата со името на Беличанец објави нејзиниот колега Рубенс Муратовски.

Додека траеше реконструкцијата на старото кино и неговото адаптирање во Дом на културата, Беличанец често пати вршеше увид во градежните работи и не криеше дека е задоволна што старото здание повторно ќе заживее.

Најави дека таму ќе се организираат изложби, ќе има библиотека, музичка просторија, односно простор за сите области – театар, музика, ликовна уметност, филм…

Поставувањето на таблата со нејзиното име, наиде на поздрав од нејзините колеги и јавноста.

Омилената актерка на многу генерации, од блиските опишана како силна, посебна, а истовремено кршлива и нежна жена, остана запаметена по многубројните улоги.

По нејзината смрт останаа многу неодоговорени прашања околу тоа која била причината младата жена и мајка на две деца да посегне по сопствениот живот.

Во разговор за ,,Фокус” две години по нејзината смрт, режисерот Сашо Миленковски, со кога таа беше во брак не многу долг период пред трагедијата, ни изјави дека е свесен за јавниот интерес, но сепак не е подготвен да зборува.

Вики Клинчарова

Поврзани новости