Дури по 16 месеци од исчезнувањето му го пронајдоа телото, судбината на момчето од Демир Хисар останува мистерија за блиските!

by Фокус

Фотографија со младо, насмеано момче ги преплави социјалните мрежи на почетокот на месец јули 2020 година. Неговиот лик беше и на летоци кои беа излепени во повеќе градови во земјава. -Димитар Мицковски, 25 години стар, исчезнат! Ако некој го видел, или нешто знае, да пријави во полиција – пишуваше под неговите фотографии, кои членови на семејството ги објавуваа.

За исчезнувањето на Димитар од Стругово, Демир Хисар, ,,Фокус” телефонски разговараше со неговата сестра Александра, 40 дена откако тој расположен излегол од дома, и повеќе не се вратил. Како што кажуваше сестрата, последен пат го видела тетка му на 25-ти јуни, кога и кажал дека ќе оди во блиската шума и ќе собира печурки. Бил расположен, ништо не навестувало дека семејството повеќе нема да го види.

Сестрата во очај апелираше за помош при неговото пронаоѓање. Раскажа дека имаат мајка и уште една сестра, татко им бил починат. Димитар бил одговорен млад човек, и откако заминал во шумата по печурки, во викендичката ги оставил телефонот, личните документи и новата облека. Се пресоблекол и тргнал.

Разочарано објаснуваше дека потрагата по него траела само еден ден, дошле 12 полицајци, лица од шумското и волонтери. Апелираше да се вклучи хеликоптер, дронови, бараше институциите да се придвижат, да се трага додека не се најде брат и.

Во повеќе медиуми се пишуваше за случајот во тој период, се објавуваа апелите на семејството, а по некое време целиот настан како да започна да паѓа во заборав. За да дознаеме до каде е истрагата и дали Димитар е пронајден, во повеќе наврати се обидовме повторно да ја контактираме сестрата на момчето, но нејзиниот телефон неколку месеци по исчезнувањето се исклучи и таа повеќе не беше достапна за разговор.

Речиси три години по настанот, „Фокус“ успеа да стапи во контакт со блиска роднина на Мицковски, од страна на неговиот татко (идентитетот е познат на нашата редакција) и таа ги откри деталите за неговата трагична судбина. Дури по околу 16 месеци од исчезнувањето, било пронајдено неговото тело во шумата, како што појаснува роднината, случаен минувач, ловџија забележал обесен скелет. Што се случило, зошто, како, останало мистерија.

-Душата не боли! Димитар остана без татко на две-годишна возраст, татко му почина на свои 37 години. Тој ни беше аманетот од него, сите му се радувавме и го сакавме неизмерно. Не скрши ова што се случи. Она кое сите не мачи е што не дознавме што навистина се случи, кој го стори ова, зошто? Немаше ни проштално писмо, ништо… Душата не боли за неговата младост, беше златно дете! – раскажува роднината.

Појаснува дека Димитар исчезнал на 25-ти јуни 2020 година, а телото било пронајдено дури на 11-ти октомври 2021 година. Потоа, не знае зошто, било чувано во фрижидер до 17-ти декември 2021 година.

-За целото тоа време сите ние се разболевме од стрес! Исчекување, трагање, самите ние, премногу жално и болно… Требаше да има многу поголема посветеност, да се вклучат хеликоптери, трагачи, дронови, секој кој можеше да помогне, од сите служби, требаше да биде вклучен во потрагата! – појаснува таа.

Додава дека болката им е голема, и се прашуваат дали ќе било исто доколку Димитар бил дете на познати луѓе, а не сирак останат без татко од мали нозе. Она што дополнително ги измачувало било што по исчезнувањето, откако се објавија апелите за негово пронаоѓање, во повеќе наврати слушнале дека луѓе наводно го забележале некаде.

-Во два-три наврати некои луѓе изјавија дека го виделе жив по исчезнувањето. Колку е тоа вистина не знаеме. И кога се случило, зошто се случило, остана мистерија која ќе не мачи цел живот. Тоа е вистината, и се надеваме во иднина за вакви случаи ќе има поголема посветеност во потрагите, за да никој не доживее ваква болка – изјави роднината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости