Дури 7 земји членки се против влез на Украина во НАТО

by Fokus

Група членки на НАТО, предводени од САД и Германија, изразуваат претпазливост поради итниот повик Украина да се приклучи на воениот блок.

Според извори на кои се повикува „Политико“, постои загриженост дека членството на Украина може да доведе до конфликт со Русија, а четворица неименувани претставници на САД и НАТО велат дека процесот се движи бавно.

Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави својот „план за победа“, кој вклучуваше барање за итно членство во НАТО. Сепак, американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит рече дека блокот сè уште не е подготвен да понуди членство или покана за Украина.

Своите ставови ги искажа и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој истакна дека негова должност е да спречи ескалација на конфликтот меѓу Русија и НАТО и дека Киев ќе стане дел од блокот само кога ќе се исполнат одредени услови.

Своите ставови за украинскиот конфликт и НАТО ги искажаа и Унгарија и Словачка.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече планот на Зеленски застрашувачки, додека словачкиот премиер Роберт Фицо предупреди дека влезот на Украина во НАТО може да доведе до Трета светска војна.

Рускиот претседател Владимир Путин и официјални лица во Москва истакнуваат дека желбата на Киев да се приклучи на НАТО е една од клучните причини за актуелниот конфликт. Тие јасно истакнаа дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија и дека ниту една територијална форма на тоа членство не доаѓа во предвид.

Изворите, исто така, посочија дека „земји како Белгија, Словенија или Шпанија се кријат зад САД и Германија“ кога станува збор за членството на Украина, опишувајќи ги како „неволни“.

 

Поврзани новости