Греењето со огревни дрва сè уште е економски најисплатливо, а греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, велат експертите. Според нив, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Посочуваат дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и во Струмица, а во останатите делови од земјава сè уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Цената во ЈП „Национални шуми“, согласно повикот за 2019 година не смее да биде повисока од 2.870 денари за кубен метар буково, односно 2.970 денари за дабово огревно дрво. Просечната малопродажна цена, пак, за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.600 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 – 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат трошоците за превоз, цепење и редење на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно. МИА