Околу 30 милиони евра е претпоставената штета во случајот ,,Онкологија”, за кој денеска скопското обвинителство отвори истрага. Според обвинителството, двајцата директори на клиниката за онкологија за две години, од 2019 до 2021 година, набавувале залиха од лекови без тендер и без да ги знаат реалните потреби за пацинетите.
Досегашната предистрага на обвинителството покажала дека се препишувале вишоци на лекови кои сè уште не се знае каде завршиле.
Засега е познато дека не завршиле на црниот пазар во Косово, а се чека одговор од Албанија. Се давале една до две дози плус на пациент. Има и изолиран случај кога се дале дополнителни осум терапии кои не ги примил. На ден пред смртта, исто така, пациенти добивале скапа биолошка терапија за која извесно е дека не ја примиле, бидејќи немало потреба од тоа.
Обвинителството покрена истрага денес против пет осомничени, двајца екс директори Нино Васев и Нехат Нухи, како и тројца лекари-онколози, доктор Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од Одделот за бели дробови, како и доктор Мери Пешевска од Одделот за дојка.