Дури 18 мажи досега биле шефови на Државното обвинителство, ниту една жена

by valentina 11:30
11:30

Кој ќе застане на чело на обвинителството? Одговорот на ова прашање се очекува да биде познат наскоро, бидејќи Владата ќе треба да одлучи на кој од четворицата кандидати ќе му даде поддршка и ќе го предложи за избор во Собранието. Во „трка“ се в.д. републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ, како и судијата Ненад Савески.

Во досегашната обвинителска историја на државава, на чело на државното обвинителство секогаш стоел маж. Ако се вратиме години наназад, и пред независноста, вкупно на број биле дури 18, но меѓу нив нема ниту една жена. Прв јавен обвинител на Македонија бил Перо Коробар, а потоа биле: Кирил Миљовски, Никола Вражалски, Лазар Мојсов, Димо Кантарџиски, Јован Дуковски, Панта Илиев, Боро Доганџиски, Јордан Јордановски, Јован Трпеновски, Марко Бундаловски, Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчевски, Љупчо Шврговски, Марко Зврлевски, Љубомир Јовески и Љупчо Коцевски.

Имено, за оваа важна позиција, според законот, може да конкурира лице што има непрекинат стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија во областа на кривичното право. На предлог на владата, конкурсот го распишува Собранието. Откако огласот ќе заврши, на барање на владата, Советот на јавните обвинители доставува негативно или позитивно мислење за пријавените кандидати.
Потоа владата доставува предлог до Собранието за избор на еден од кандидатите што добил позитивно мислење.  Тогаш Собранието закажува расправа за гласање, а изборот се врши со просто мнозинство.

Доколку никој не е по нивна мерка, или Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените, тогаш владата ќе побара од Собранието да го повтори огласот.

Оваа позиција е клучна во борбата против криминалот, бидејќи од шефот на сите обвинители може да зависи текот на предметите.
Дури и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во случајот Ислам Абази, за својата работа одговара пред државниот обвинител.

Актуелната в.д. републичка јавна обвинителка Тополова-Исајловска за првпат како обвинител била избрана во 2009 година, а во 2013 година преминува во Вишото јавно обвинителство. По само три години, пак, беше унапредена во републичка јавна обвинителка и му стана една од заменичките на тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Нејзиниот скок во кариерата не остана некоментиран, бидејќи тогашната опозиција замеруваше дека е сопруга на Илија Исајловски, кој истата година беше избран за заменик-министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, изминатиот период, нејзиното име повторно се сврте низ медиумите, а опозицијата повторно жестоко ја нападна, бидејќи оцени дека сака да „одработи“ за ВМРО-ДПМНЕ и да ги спаси од случајот „Талир“. Поточно, минатата година оваа обвинителка до Врховниот суд поднесе Барање за заштита на законитоста, со аргументација дека обвинението било поднесено од неовластен тужител по истек на рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија од СЈО, и дека дел од прислушуваните материјали не треба да се третираат како докази. Сепак, Врховниот суд го одби ваквото барање како неосновано.

Но, доколку обвинителката го „добиеше“ предметот, тоа ќе значеше спас на партијата на власт од судските маки што ги имаат за овој предмет, покренат од СЈО, а тоа, всушност, ќе значеше и одмрзнување и враќање во сопственост на партијата на сиот замрзнат имот и на партиското седиште познато како „Белата палата“.

Единствениот судија, меѓу кандидатите, е судијата Савески. По дипломирањето, магистрирал, волонтирал во гостиварскиот суд, завршил на Академијата за судии и јавни обвинители, заедно со неколкумина што беа дел од тимот на специјалното јавно обвинителство. Кариерата ја почнал како скопски обвинител во 2009, а во 2016 година беше избран за судија.

Меѓу кандидатите е и искусна обвинителка Лидија Раичевиќ, која работи во ОЈО Скопје од 2003 година, а неколку години работеше и како обвинител за организиран криминал и корупција. Таа беше кандидат и кога за државен јавен обвинител беше избран Коцевски.

Позитивно мислење од Советот на јавните обвинители, и тоа 10 од 10 гласови, доби и обвинителката Ленче Ристоска. Таа беше дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а сега е дел од скопското обвинителство , како и прв обвинител за врски со Македонија во Единицата за судска соработка на ЕУ, Еуроџаст. Таа изминатиот периот се најде на удар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи  ги застапува случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата како правно лице, за незаконско финансирање, а се најде и на удар на премиерот Христијан Мицкоски, кој во јавен настап, истакна дека Ристоска нема да ја добие поддршката од Владата.

Валентина Вурмо

 

Слични вести