Серија земјотреси со помал интензитет се регистрирани во североисточниот дел на Албанија за само неколку часа, по вчерашниот во 17:38 часот кој беше со јачина од 5,1 степен според Рихтер. Добрата вест е што не се очекуваат нови земјотреси од голем интензитет.
Според Олгерт Ѓузи од албанскиот Институтот за сеизмологија, по земјотресот, чиј епицентар беше во близина на градот Булќиза, регистрирани се дури 15 потреси со јачина од два до 3,4 степени, што, оценува тој, е добар знак дека не се очекува друг посилен потрес.
– Сеизмолошката национална мрежа регистира серија земјотреси. Главниот потрес беше во 17:38 часот со епицентар на 10 километри северно од Булќиза. Земјотресите со ваква јачина секогаш се придружени со последователни послаби потреси. За еден час регистрирани се 15 потреси, изјави Ѓузи.
Првичните информации кои ги соопшти министерството за одбрана на Албанија се дека од земјотресот оштетени се 67 куќи, од нив 47 во општина Булќиза, дел од нив во областа Голо Брдо, 12 во општина Клос и осум во општина Мат. Главно станува збор за испукани ѕидови.