13,5 отсто од домаќинствата во Македонија живеат во субстандардни услови, односно под покриви што протекуваат, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Додека во 2015 година 12.9% од домаќинствата имале проблеми со лошите услови за живеење, во 2016 година овој процент е зголемен на 13.5%, соопштуваат од Државниот завод за статистика.
Тринаесет проценти до сиромашните домаќинства немаат машина за перење алишта, речиси половина не поседуваат персонален компјутер, додека автомобил имаат само 39 отсто од сите сиромашни домаќинства. За разлика од тоа, дури 99 отсто поседуваат телевизор во боја, а 95 отсто имаат телефон.
Стапката на сиромашни лица бележи зголемување во 2016 година. Во 2014 година изнесуваше 22.1%, во 2015 година 21.5%, додека во 2016 година 21.9% од лицата живеат под прагот на сиромаштија.
Вкупно 453.200 лица живеат под линијата на сиромаштијата. Процентот на сиромашни е значително поголем ако се одземат пензиите и социјалната помош. Без пензии и социјална помош сиромаштијата би се искачила на 41 процент, односно речиси половина од населението би живеело под прагот.
Највисока е стапката кај домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца, или 51.2 отсто. Односно повеќе од половина од семејствата во овој состав, крпат крај со крај и живеат од ден за ден. Потоа следува категоријата самохран родител со издржувани деца, односно 37,5 отсто од самохраните родители живеат во сиромаштија.