Дури 110 граѓани годинава загинале во сообраќајни несреќи

by Фокус

Дури 110 граѓани годинава, заклучно со октомври, го загубиле животот во сообраќајна несреќа. Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, споредбено со истиот период лани за над 30 проценти е намален бројот на жртви во сообраќајките низ земјава, односно лани во истиот период бил регистрирани 164 жртви во несреќи низ македонските патишта.

– Тоа се 110 семејства кои ќе продолжат да живеат со болката нанесена од загубата која не може никако да се надомести. Бројките во никој случај не може да ја одразат вистинската траума на секое дете, брат или сестра или татко и мајка, рече министерката Јанкуловска во своето вчерашно обраќање по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.

Министерката додаде дека од големо значење за намалување на сообраќајките ќе биде и донесувањето на новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата што, според неа, ќе претставува дополнителен инструмент во подигањето на степенот на сообраќајната безбедност и култура.

-Јас немам дилема дека фактот што полицијата доследно се грижи за спроведување и почитување на законските одредби од сообраќајот и преку превентивните активности и  сообраќајните контроли, евидентно резултира со зголемено почитување и примена на правилата и прописите во сообраќајот од страна на граѓаните, потенцираше Јанкулоска.

Јавноста, пак, изрази негодување за новите законски измени, бидејќи казните за сообраќајните прекршоци ќе се зголемат дури за три пати, од досега постоечките, што не е во сооднос со месечните примања на граѓаните.

 

Поврзани новости