Дури 1.032,2 денари месечно ќе заштедуваат семејствата од евтината тарифа за електрична енергија, смета Бектеши

by Fokus

Владата нема да ги укине субвенциите за електрична енергија од први јули, истакна вицепремиерот за европски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

Одлуката за субвенционирање на електричната енергија е до 30-ти јуни, а според него, и следната влада доколку биде предводена од СДСМ, била подготвена да носи одлуки во интерес на граѓаните, односно субвенции, беше неговиот одговор на новинарско прашање пред почетокот на јавната дискусија за нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026“.

Според министерот за економија, Крешник Бектеши пак, од враќањето на дневната евтина тарифа, едно семејство со просечна потрошувачка ќе може да заштеди 1.032,2 денари месечно.

Според податоци од Владата, новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра е за заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите и развојот на економијата.

Со овој пакет, продолжува мерката за 90% субвенционирање на цената на струјата, со која се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи. За оваа мерка проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.

Ќе се субвенционира и цената на топлинската енергија, односно парното за домаќинствата и компаниите, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.

Со пакетот е предвидено продолжување на финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија. Поддршката за оваа категорија на граѓани изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.

Инаку, евтината дневна тарифа беше укината на 1-ви јануари 2022 година и граѓаните можеа да користат поевтина електрична енергија само од 22 часот ноќе до седум часот наутро секој ден, и цел ден во недела.

Евтината дневна тарифа се врати од први декември 2023 година, секој ден од 13 до 15 часот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости