Веќе никој во државава нема дилема дека воведувањето на обврската за плаќање придонеси на договорите за дело и за авторските договори, од 2015 година, има само една цел: полнење на државната каса, изјави денеска на пресконференција Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија и член на Извршниот одбор на СДСМ.
– Погледнете го овој графикон што ја покажува тенденцијата на зголемувањето на дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 2006 година до денес. Во прашање е зголемување на дефицитот од 13 милијарди денари за 8 години! Ова е резултат на неуспехот на власта да ја зголеми вработеноста и со тоа да влијае на зголемување на изворните приходи на Фондот (придонеси на плати). Дупката годинава надмина 22 милијарди денари или 370 милиони евра. Таа дупка денес изнесува колку платите, придонесите и надоместоците за целата државна и јавна администрација – додаде Тевдовски.
Според него, да биде уште пострашно, проекциите во предлог буџетот за 2015 година покажуваат дека со воведувањето на обврската за плаќање придонеси за договорите за дело или авторските договори, како и можноста за одложено одење во пензија, власта не очекува намалување на создадената дупка во ПИОМ.
– Дупката во фондот за ПИОМ покажува дека даночната политика на власта не вродува со плод и дека ќе ја воведе државата во катастрофална состојба. СДСМ не е против зголемувањето на пензиите. Напротив, СДСМ ќе продолжи со нивно зголемување. Имаме реална и ефективна мерка како тоа да се спроведе. Ние сметаме дека даночниот систем треба да биде прогресивен, каде што богатите ќе плаќаат данок по повисоки стапки од сиромашните. Во оваа насока сметаме дека решението на дупката во фондот за ПИОМ е во напуштањето на регресивниот модел на плаќање придонесите и премин кон пофер модел. Со тоа, од една страна би се отстранило ограничувањето за највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од шест просечни плати, а од друга страна ќе се ослободат од плаќање придонеси лицата со најнизок доход – предлага претседателот на Комсијата за економија и член на Извршниот одбор на СДСМ.