Скопската Зоолошка градина остана без Дуња, една од двете слоници кои во 2018 година беа донесени од Белгија. Првично, Дуња, која беше азиска слоница и Даела, која е африканска шумска слоница, живееле во циркус.
Пред да бидат донесени во Зоолошката, последен пат имало слонови пред 26 години.
Беа дочекани со голема забава, со музика со Пет плус бенд и хорот Златно славејче, со околу 10.000 посетители и со аплаузи, а за нив се изгради современо живеалиште со површина од 3.200 метри квадратни.
Но, денес јавноста сведочеше на вознемирувачкото видео, кое се појави во одредени електронски медиуми и се прошири на социјалните мрежи, а на кое се гледа како со багер се префрла трупот на угинатата слоница Дуња во камион, со цел да биде изнесена од Зоолошката и да биде закопана.
Дуња во изминатите шест години заедно со Даела на некој начин беше симбол на градината. Ова најголемо копнено животно на планетата привлекуваше посетители и потсетуваше на важноста на зачувување и заштита на овие величествени суштества. Што се случи со слоницата е прашањето на кое јавноста бара одговор, со оглед на тоа што во изминатиот период во градината угинаа голем број на ретки животни.
Како што дознава ,,Фокус” од лица вработени во Зоолошката, слоницата веќе подолг период била болна. Раскажуваат дека забите започнале да и се распаѓаат и изминатите месеци нејзината состојба секојдневно одела на полошо.
Била прегледана од лекарски тим од Белгија, кој одлучил дека треба да се изврши евтаназија.
-За да и се скратат маките беше евтанизирана и сите вработени сме потресени затоа што останавме без Дуња. Кога во Зоолошката ќе се случи вакво нешто, имаме еден дел позади градината каде најчесто се закопуваат угинатите животни, но неретко се транспортираат и во Дрисла. Видеото кое се споделува, а на кое се гледа како се префрла трупот на слоницата во камион, навистина е многу вознемирувачко, многу од нас не можеа ниту да го догледаат, но тоа е реалноста, станува збор за големо и тешко животно, раскажуваат дел од вработените во Зоолошката.
Во 2018 година, кога слониците беа донесени во градината, беше соопштено дека Дуња има 49 години, а Даела 30 години. Во денешното соопштение на Скопје ЗОО пак, наведено е дека Дуња имала 60 години.
Во официјалното соопштение на Скопје ЗОО по повод угинувањето на Дуња, појаснуваат дека стручен меѓународен тим ја прегледувал слоницата и била донесена одлука за евтаназија, бидејќи ниту еден третман или операција не можеле да ја спасат.
-Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница.
Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем.
За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина, истакнаа од Зоолошката.
Околу тоа што ќе се случува со Даела која остана сама, со оглед на тоа што слоновите во природата живеат во стада, дополнително ќе се одлучувало заедно со европската група за слонови.
Вики Клинчарова