Директорот на Клиниката за очни болести, Христијан Дума, со допис ги демантира дел од медиумите кои објавија дека не ги почитувал препораките за изолација и ги ставил во опасност од зараза со коронавирус своите колеги.
Дума тврди дека откако на неговата сопруга ѝ било одредено да се стави во самоизолација, таа се преселила во друг стан. Ден подоцна, тој вели дека се обратил до Државниот здравствен инспекторат за да добие насоки за понатамошно постапување, но, како контакт од втора линија, му посочиле дека за него нема посебни препораки, освен доколку не дојде до промена на неговата здравствена состојба.
„Jас немам препорака за изолација. И покрај ова, но и покрај тоа што во тој момент мојата сопруга имаше негативен тест на ковид – 19, јас 10 дена не одев на работа за што може да посведочат сите мои колеги на очната клиника. Најодговорно тврдам дека мојата сопруга е во самоизолација на сосема друга адреса и точно 19 дена немаме никаков контакт, со што целосно ги почитуваме препораките од здравствените власти. Барам, ‘Лидер’ и другите портали кои ја пренеле веста итно да ја повлечат и да се извинат за нарушување на мојата чест и углед. Јас како директор во здравствена установа, кој доследно ги спроведува барањата и препораките на моите колеги, сум вознемирен од ваквите клевети“, се вели во реакцијата на Дума.
Дел од порталите вчера објавија дека директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска, не е единствената директорка заразена со коронавирус, туку и Дума, кој не се изолирал.