По завршувањето на денешното рочиште за случајот “Рекет”, на кое јавноста не можеше да присуствува, бидејќи се емитуваше снимка на која имало и приватни разговори, адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, истакна дека снимката немала никаква доказна вредност.
-Ние сметаме дека доказната вредност на ова е нула. Повторувам, ова е нула. Ниту има кој со кого разговара, некакви разговори, а најбитно од се е што нема никаква приватност, а не дај боже некаква заштита на приватноста… Ако на ова се заснова обвинението и ако со ова се докажува обвинение и ако половина снимка е наводно покажување на обвинителот, ние тоа не го знаеме, половина снимка од да речеме вкупно два ипол часа, со некое лице кое ниту е во диспозитивот на обвинението, ниту има врска со овој предмет.
По начинот како се изведуваат овие докази, јас не би бил зачуден и некое лице што поминува на улица да биде викнато и да се утврдува фактичка состојба. Да резимирам, навистина не беше потребно вие да бидете отстранети, вели Дуковски.
За обвинувањето на Јовановски дека физички бил нападнат од затворската полиција, Дуковски вели дека станува збор за мал инцидент.
-Се работи за човек кој има навистина сериозно нарушено здравје. Се наоѓа во притвор скоро седум месеци. Се работи за недоразбирање, една нервозна акција. Сметам дека тоа е разрешено и морам да кажам дека затворската управа екстремно коректно се однесувала до сега во секој момент во однос на обвинетиот Бојан Јовановски. Имало некаков мал инцидент, но тоа е резултат на недоразбирање кое е решено, вели Дуковски.
Претходно директорит на затворот Есад Рахиќ за “Фокус” појасни дека Јовановски бил нервозен и не дозволувал да му стават лисици на рацете.