Бојан Јовановски, обвинет во случајот “Рекет”, денеска не се појави на јавната седница во Апелациониот суд, на која се одлучуваше по неговата жалба за укинување на мерката притвор.
Неговиот адвокат Сашко Дуковски пред судиите образложи зошто Јовановски треба да биде пуштен од истражниот затвор “Скопје”. Тој упати критика до судиите во Кривичниот суд, за кои рече за да го оправдаат притворот, се повикале на степенот на кривичната одговорност на обвинетиот.
-Не знам како треба да им се објасни на овие судии дека не смеат да се повикуваат на степенот на кривичната одговорност, во оваа фаза. Па тие веќе го осудиле. За ова би паднале на испит на Правниот факултет, рече Дуковски.
Тој реагираше дека не е фер што дел од обвинетите се во куќен притвор, а неговиот клиент е во затворски притвор.
-Не може во еден предмет во кој има тројца обвинети некој да биде во куќен притвор, поради здравствена состојба, а некој во притвор. Имаме нееднаквост на странките. Не може да се спреми квалитетна одбрана со болен човек. За шест месеци е однесен 60 пати на клиника, или секој 3 ден бил во болница, рече Дуковски, кој додаде дека состојбата на другите двајца обвинети, мислејќи на Катица Јанева и Зоран Милевски, не е ниту приближна на онаа на Јовановски.
Тој пред судот ги образложи сите медицински извештаи од прегледите на Јовановски.
-Спремна сум да сведочам за животно загрозувачката состојба на притворениот. Ова не го велам јас, туку во извештај го напишал затворскиот лекар. Во последниот извештај од абдоменален хирург се наведува дека е потребна операција веднаш. Земени се примероци од здебелените чирови од неговиот желудник, односно од она што останало од неговиот желудник, истакна Дуковски држејќи ја медицинската документација во своите раце.
Тој додаде дека сите лекари препорачале лекување и престој во строго хигиенски услови.
-Најмалки 10 субспецијалисти и двајца затворски лекари предлагаат операција и строго хигиенски услови. Тој е во затвор. Дури и дома е прашање дали некој може да го спроведе хигиенскиот режим. Затворот е расадник на бактерии, истакна бранителот на Јовановски, кој додаде дека тој почнува да чуствува грижа на вина за неговото здравје.
Притворот на Јовановски му е одреден од Кривичниот суд поради опасност од бегство. Еден од аргументите на судот бил дека Боки 13 може да избега бидејќи немал оформено семејство.
-Има ли поголема дискриминација ако човек кој одлучил да не се жени или мажи тоа да му се земе како отежителна околност. Тоа е срамота, рече адвокатот Дуковски.
Вишото обвинителство бара Јовановски и понатаму да остане во притвор и тоа до почетокот на издржување на казната.
Ова за Дуковски е скандалозно, бидејќи процесот едвај е стигнат до главна расправа.
Одлуката на Апелација ќе биде објавена наскоро.
Валентина Вурмо