Денешната пресуда беше очекувана од почетокот на овој судски процес. Знаевме дека ќе биде вака брутална казна и оваа пресуда најмалку се заснова на докази, изјави адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дукоски.
Тој посочи дека немало изготвено вештачење, а судот во образложението на вина се повикувал на некои докази.
– Мене навистина не ми е јасно на какви докази, но тоа е тоа. Овдека не завршува нашата борба и мислам дека е не фер, кога на крај беше спомнато дека во судот во Стразбур била одбиена времената мерка, требаше да дополни судијата дека навистина е одбиена, но прифатена е апликацијата, изјави Дукоски.
Во однос на тоа дали обвинителството докажало каде завршиле парите, Дуковски, рече дека има снимка на која три секунди се гледаат пари, а после тоа еден лик носи ташна, како да е перо во рака.
– Дали знаете дека најобичните предмети ширум судовите во Република Македонија за најобичен поткуп од 50 евра на сообраќаен полицаец се обележуваат парите и се фаќа. Дали мислите дека, доколку тоа навистина така се случело Бојан Јовановски не би бил снимен од камерите и веднаш уаспен. Ова е една конструкција од самиот почеток, со голема помош на соизвршителот кој влегува и излегува од притвор кога сака и како сака. Се применуваат апсолутно двојни аршини, изјави Дукоски.
Тој ја коментираше и одлуката на судечкиот совет да му го продолжи притворот на Боки и направи паралела со случајот со убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во САД од страна на полицајци.
„Сите сте сведоци дека во Америка речиси изби граѓанска војна за кривично дело убиство кое е неколкукратно потешко од ова и таму осомничениот излезе од притвор за 3 дена со 750 000 гаранција. Ние понудивме кауција од 146 000 евра ама не го пуштија. Америка не знае што е право, таму не владее правото, ние знаеме, рече Дукоски.