Бранислав Петровски, сопственик на дуќан во центарот на Скопје, кој пред четири години беше претепан од бизнисмен, сопственик на хотел кој се наоѓа во близина на неговиот дуќан, а потоа бизнисменот дури и го тужеше, бидејќи наводно бил изгребан на вратот, конечно ја дочека правдата.
Неговиот син Стефан Петровски информира дека денес, по четири години од крвничкото претепување на неговиот татко, извршено од бизнисменот С.Ч. од Скопје, во Кривичниот суд Скопје на татко му му била изречена ослободителна пресуда.
За случајот ,,Фокус” пишуваше уште пред три години. Како што тогаш раскажа Петровски, тепачката со бизнисменот се случила поради метална рекламна табла, која тој ја изнесувал пред дуќан наутро, а ја тргал навечер. Истата му сметала на бизнисменот, па по кратка расправија за таблата, тој го претепал.
-Завршив со тешки телесни повреди, скршен череп, скршен нос, јаболчна коска, подлив на двете очи… Дури 14 дена бев задржан на неврохирургија… Поради нанесување на тешки телесни повреди, бизнисменот беше осуден на условна казна, една година затвор, доколку во рок од три години стори ново кривично дело. Во време кога бев нападнат, јас се борев со тешка болест, карцином на бели дробови, примав терапии.
Сега, иако сум подобар, сепак болеста е се уште тука и сум со нарушена здравствена состојба. Но, нашата агонија не заврши со условната казна која ја доби човекот кој ме претепа. Верувале или не, јас се уште се влечкам по судници, бидејќи тој сега ме обвинува мене, дека наводно јас сум го нападнал прв и сум го изгребал по вратот, раскажуваше Петровски, појаснувајќи дека судот првично проценил дека тужбата е неоснована, но потоа истата се вратила во процес.
Бараше правда во Македонија и јавно прашуваше како може да биде ем тепан, ем тужен. Денес, по изречената ослободителна пресуда, неговиот син Стефан се заблагодари на медиумите и на јавноста за големата поддршка која ја добиле откако јавно излегоа со нивната приказна.
-Мојата приказна е доказ дека заедно сме најсилни, дека треба да си помагаме, затоа што тешко е да се давиш знаејќи дека околу тебе нема никој рака да подаде. Никому да не му се случи и никогаш да не се повтори, нема нешто повредно од мирот!-порача Петровски.
Вики Клинчарова