Дебарскиот градоначалник Хекуран Дука, кој раководи со општинскиот Оперативен штаб, на денешната редовна средба со новинарите, апелираше до централната власт да обезбеди заштитни средства за здравствениот кадар во градот.
-Вчера се тестирани 19 лица при што тројца од нив се позитивни на корона вирус. Имам информации дека тројцата се здравствени работници. Затоа оценуваме дека здравствените работници не се доволно заштитени како што треба. Бараме централната власт да биде поекспедитивна за нашите барања, посебно за заштитни средства, бидејќи сегашните се импровизирани, рече Дука.
Претходно корона вирусот беше потврден кај двајца лекари и две медицински сестри од приватната педијатриска амбуланта. Треба да се спомне дека двајцата матични педијатри дежураа и во Итната служба на Општата болница.
Додаде дека 77 лица се во домашна изолација и редовно се контролираат од страна на припадниците на МВР дали ја почитуваат препораката за самоизолација.
-Со наши максимални залагања, барања, постојани контакти со централната власт проблемот со движењето на фирмите и откупот на млеко во Дебар е надминат. Се очекува да биде надминат и проблемот со македонските државјани кои останаа заглавени во Дебар за што одлука треба да донесе Владата на седницата што треба да ја одржи денеска, изјави Дука.
Според него, на контролните пунктови пропуштени се 47 возила со прехрамбени артикли и други производи и медикаменти и додаде дека нема никаков проблем во снабдувањето на градот со потребните артикли и лекови.
Посочи дека продолжува дезинфекцијата на јавните површини, објекти и улици од страна на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ во што на припомош се и вработените на Територијалната противпожарна единица.
-Упатувам апел до Владата да биде поекспедитивна во реализација на нашите барања, бидејќи за нас во Дебар значајни се часови и минути, а не денови, порача Дука на крајот од прес – конференцијата.