Дуинг бизнис ја рангираше Македонија на високо 10. место во светот

by fokus

Македонија напредува, интеграциите се извесни, а  Дуинг бизнис ја рангираше земјава на високо 10. место во светот според услови за водење бизнис во конкуренција од 190 земји.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вчера оцени дека подобрувањето на регулативата е важно за бизнисот, но уште поважни се политиките што ги спроведува Владата за фер третман на фирмите.

– За разлика од порано не постојат политички притисоци врз бизнис секторот. Повратот на ДДВ се врши технички без селективност и брзо. Имаме поддршка за домашните бизниси. Ова покажува дека за нас е битно приватниот сектор да има еднакви и фер можности за да оди напред. Работиме и на регулативата за поповолна клима за инвеститорите. Финално она што е многу важно за инвеститорите се преспективите за приклучување кон ЕУ и НАТО. Интеграција на земјата во НАТО заедно со добро рангирање на Дуинг бизнис ќе биде најголема поддршка и придонес за пододбрување на привлекувањето на инвестиции во Македонија, рече Тевдовски.

Фокус на економијата најави и премиерот Зоран Заев.

– Имаме проектна документација, имаме спроведени тендери и токму тоа е причината за нашиот оптимизам дека ќе се раздвижи состојбата. Пријатели сме со соседите, интеграциите се извесни и сето ова не става во позиција фокусот да биде на економијата и да покажеме резултати со бенефит и чувство кај  граѓаните, преку БДП или реализација на капиталните инвестиции. Продолжуваме во тој правец, критичен основ на опозицијата може да биде само позитивен притисок врз извршната власт да ја зголемат својата реализација, рече премиерот одговарајќи во рамки на собраниската седница посветена на пратенички прашања најавувајќи раздвижување во делот на реализација на капиталните проекти.

Оцени дека севкупните инвестиции во Македонија се задоволителни, но оти се сака да има уште повеќе.

Премиерот смета дека конечно излегуваме од кризата.  – Имаме подобрување за едно место во Дуинг бизнис од 11. на 10. место.  Истовремено во ребалансот на буџетот го корегиравме БДП од 3,2 на 2,7 отсто,  но имавме 3,1 отсто раст во вториот квартал и чекаме статистика да го објави третиот и четвртиот квартал заради тоа што излегуваме конечно од кризата. Очекувам како Македонија се поизвесно се интегрира во ЕУ и во НАТО, толку да биде храброста на домашните и на странските инвеститори уште поголема за инвестирање, рече претседателот на Владата на РМ.

Поддршка на економскиот развој ќе се прави и преку подобрување на човечкиот капитал за што вчера беше објавен почеток на проект со Светска банка од 30 милиони евра.

Според потпретседателот на Светска банка на Европа и Азија Сирил Мулер она што му треба на регионот е човечки капитал, кој е најдобар, бидејќи идниот просперитет на регионот ќе зависи од способноста на овој регион да има човечки капитал на светско ниво.

Поврзани новости