Ќе ги употребиме сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните – вака одговорија интегративците по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека имал информации според кои ДУИ наесен преку протести планира дестабилизација на државата.
Од партијата на Ахмети, која денеска одржа состанок на централното претседателство, иако директно не ги отфрлија ваквите најави, го повторија претходниот став дека секогаш имале визионерски политики за доброто на државата.
-ДУИ е државотворна партија и секогаш сме имале визионерски политики кои биле за добро на државата. Секако дека ние настојуваме и ќе ги употребиме сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните каде што Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет, изјави – Арбр Адеми – ДУИ.
Од коалицискиот партнер во власта Вреди, обвинија дека ДУИ размислува на деструктивен начин и дека идејата им била да ги направат албанците заложници во обид да избегнат правосудна одговорност за како што велат, грабежот кој го направиле во време 22 години власт.