АД „Македонска пошта“ на големо форсира двојазичност низ цела Македонија, додека партијата на Груевски се запени од обвинувања дека лидерот на СДСМ Зоран Заев ги продава националните интереси и дека има пеколен план за редефинирање на Уставот и воведување двојазичност.
Во допис испратен до корисниците, „Македонска пошта“ објавува обраќање на генералниот директор Фаадис Реџепи по повод новоотворената веб страница на претпријатието, на македонски и на албански јазик. Овој двојазичен допис е дистрибуиран низ цела Македонија, па и во Неготино, град во кој според официјалните податоци за бројот на населението објавени на општинскиот сајт живеат 30 Албанци.
Граѓаните креваат раменици, подготвени на секакви изнеадувања во изборната кампања кога во пропагандниот арсенал за напад на политичкиот противник употребата на јазиците е мошне силно оружје.
Закон за употреба на јазиците што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа е јасен кога вели дека кој било граѓанин кој зборува службен јазик различен од македонскиот, а кој го зборува најмалку 20 отсто од населението може во комуникацијата со инситуциите да го употреби тој службен јазик и неговото писмо. Овој Закон не е во сила ни во Неготино, ни во Кавадарци, Гевгелија…..
На наше прашање до „Македонска пошта“ врз основа на кој акт е одлучена дистрибуцијата на двојазичното писмо низ целата држава , наместо конкретен одговор добивме кратко известување дека претпријатието „се залага за отворена и постојана комуникација со своите корисници, покрај секојдневната комуникација во единиците на поштенска мрежа и пошторазнесувачите“.
Не е прв пат „Македонска пошта“ да предизвикува реакции кај јавноста поради свои провоцирачки потези. Пред три години, кога директор беше Рафиз Алити, кадар на ДУИ објави поштенски марки со кои се славеше раѓањето на озлогласени воени злосторници и соработници со фашистите. Беа објавени две скандалозни решенија – поштенска марка со ликот на Реџеп Митровица, премиер на првата квинслишка влада на Албанија од 1943 до 1944 година и претседател на озлогласената Втора призренска лига. Со поштенската марка, што тогаш ја објави „Македонска пошта“ се славеше 125-годишнината од раѓањето на Митровица и на Али Риза, соработник, како што тврдат македонски историчари, со фашистичкиот окупатор.
С.М.