Владејачката партија Демократска интеграција на Албанците (ДУИ) во соопштение до јавноста што го прати утринава обвини дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е фабрика на лажни вести.
„Опозоциската ВМРО ДПМНЕ веќе со години прерасна во фабрика на лажни вести и пропаганда налик на Гебелс каде што креираат непостоечко прашање и го повторуваат се додека не започнат и самите да му веруваат“, стои во соопштението на ДУИ.
Според ДУИ опозициската партија ВМРО покрај лажните вести ги игнорира сите совети и напори на меѓународната заедница за продолжување на европскиот пат на нашата земја.
„Лажни вести за Албанскиот јазик, лажни вести за мигранти, за Преспански Договор, за Бугаризација, за инфлацијата, за коридорот 8, за енергетската криза, за пандемијата, за Данела Арсовска, за наводна корупција, како и многу други теми. ВМРО ДПМНЕ планира да ја изолира нашата земја и да ја врати заробената држава“, соопшти ДУИ.
ДУИ ги повика сите политички партии да потпишат иницијатива до Јавното Обвинителство како и до меѓународни институции за целосна истрага на сите функционери, без оглед дали се власт и опозиција во последните 20 години и да поддржат целосен ветинг во политиката, судството и обвинителството.