Вчера, секој Албанец и секој граѓанин со достоинство во оваа земја се почувствува навреден, понижен и предаден. Со чин кој ги надминува сите граници на моралот и политичката логика, во зградата која треба да го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, беше пречекан и почестен Милорад Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи за поделба на Босна и Херцеговина и човекот кој го величи нечовечниот масакр во Сребреница, соопштија од ДУИ.
„Како е можно човек изолиран од демократскиот свет, кој шири поделби и омраза, да биде официјално пречекан од влада која тврди дека ги претставува евроатлантските вредности и меѓуетничкиот мир?
Каква порака испраќа оваа влада до албанските граѓани, до семејствата на жртвите од геноцидите, до оние кои сè уште веруваат во правда и достоинство? Овој чин е тежок удар за Охридскиот договор и за соживотот. Присуството на Додик таму е шлаканица за жртвите на Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост“ наведуваат од ДУИ.
Тоа, како што велат, е порака која покажува дека оваа влада покрај легитимитетот, изгубила секоја чувствителност за историјата и за човечкото достоинство.
„Ова е денот кога сите ние се почувствувавме навредени. Денес, сите сме засрамени. Оваа нелегитимна власт едноставно ги премина сите црвени линии. Овој срам никогаш не треба да се заборави. Ова е моментот кога треба да си потсетиме дека достоинството не се купува, а историјата не се простува. За оние кои мислат дека можат да си играат со нашите чувства и вредности: грешите.
Ова ќе се памети, и нема да престанеме додека не го вратиме достоинството кое денес беше скршено пред нашите очи. Денес, секој Албанец и секој чесен граѓанин на оваа земја е згрозен од ова предавство на нашите вредности и определби како општество“ порачаа од ДУИ.