382
Од ДУИ информираат дека на партискиот состанок во Тетово разговарале и за судскиот процес за случајот со малиот Алмир. Од партијата изразуваат длабока загриженост што во самото Обвинителство има разлики што се однесува на одлуката за преквалификација на делото од убиство во друго кривично дело и бараат итно адресирање на нивната загриженост.
„Во пресрет на најавените реформи за реформирање на судскиот систем сметаме дека ова дејствување не придонесува во овој правец, несакајки да се мешаме и да преудицираме во начинот на читање на фактите. Исто така, строго го осудуваме скандалозното и нечовечно однесување кое се виде вчера од обвинетиот“, соопшти партијата.
Ваквата реакција следи откако четворица обвинители – Џелал Бајрами, Ферат Елези, Башким Бесими и Исмаил Дардишта испратија писмо до јавноста, со кое реагираат дека се против одлуката на кумановското обвинителство и кумановскиот суд на обвинетиот Бобан Илиќ да му се суди за тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот наместо за убиство на малиот Алмир.
Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, ја осуди постапката на четворицата обвинители, истакнувајќи дека таквото обраќање е непрофесионално и се прекршил етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија.