Додека од Алијанса за Албанците официјално велат дека се најблиску до самостоен настап на претстојните парламентарни избори, кои ќе се одржат во мај заедно со претседателски избори, во позадина партиски функционери преговараат со ДУИ за предизборна коалиција, а истовремено албанската опозиција се обидува да го убеди партискиот лидер Арбен Таравари да премине на нивна страна, па дури и да биде претседателски кандидат, дознава „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Од Алијанса за Албанците велат дека се уште се отворени сите опции околу тоа како ќе настапат на двојните избори, но засега најблиску се до самостоен настап. Всушност, тоа вчера јавно го изјавија и партискиот лидер Арбен Таравари и неговиот претходник Зијадин Села, кои посочија дека двајцата лично застапуваат став за самостоен настап. Сепак, истакнаа дека конечната одлука ќе ја донесат партиските органи, веројатно во текот на следната недела.
–Засега АА има само една одлука од партиското раководство да настапат сами на избори, без да влезат во предизборна коалиција, но Собранието може да донесе поинаква одлука. Ќе ги разгледаме околностите, ќе ги слушаме и препораките, но на крајот во Собрание ќе се донесе конечната одлука. Може да биде истата одлука, но и поинаква, зависи од членовите – рече Таравари, додавајќи дека ќе ја почитува партиската одлука, каква и да е.
Истовремено, и неговиот претходник Села, кој моментално е републички пратеник и претседател на партиското Централно собрание, даде слична изјава, посочувајќи: „Јас сум поборник на идејата дека Алијанса за Албанците треба сама да оди на избори. И понатаму сум на тој став – Алијанса ќе биде фактор преку кој промените имаат поента на политичката сцена во Северна Македонија. Алијанса ќе оди на избори за да победи…“.
Но, настрана ваквите официјални изјави, неофицијалните информации говорат дека зад сцената се случува нешто сосема поинакво. Имено, високи партиски извори тврдат дека претставници на АА водат преговори со ДУИ за предизборна соработка, пришто преговорите од страна на оваа партија ги предводи генералниот секретар и министер за правда Кренар Лога, близок соработник на Села. Неофицијално, Лога е дел од крилото што се противи на соработката со албанската опозиција.
–Нема што да бараме во коалиција со партии со кои веќе сме биле. Ние се разидовме со Африм Гаши зашто му дадовме поддршка на Биљал Касами во Тетово, а сега Алтернатива и Беса се во коалиција. Со кого да одиме, со Кастриот Реџепи ли, кој прашање на време е кога ќе направи ново предавство? И зошто би оделе во таква коалиција чија иднина е дискутабилна и што би добиле, неколку пратеници? – вели висок функционер на АА.
Според него, подобра варијанта од соработката со албанската опозиција е партијата да излезе сама на избори, независно што има ризик политички да настрада во битката меѓу ДУИ и поранешните „интегративци“ кои сега водат други партии што формираа анти-ДУИ коалиција – Алтернатива, Беса и Демократко движење на Изет Меџити. Исто така, тој смета дека следна подобра опција од соработка со овие партии е коалиција со ДУИ.
–Со ДУИ на избори би предводеле 2 изборни единици, втората и петтата, заедно би освоиле 25 пратеници, од кои ние би имале сигурни 8, колкушто впрочем имаме сега. Така би се бетонирале за следните 4 години на власт, независно дали ќе коалицираме со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ. Може да се направи и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сигурни сме дека после избори ВМРО ќе влезе во решавање на прашањето со уставните измени – вели нашиот соговорник од АА.
И од ДУИ неофицијално потврдуваат дека имаат комуникација со Алијанса за заедничка коалиција, во која би влегла и ДПА на Мендух Тачи, како и „помалите“ новоформирани албански партии на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи. Воедно, од партијата на Али Ахмети велат дека нивно посакувано сценарио е предизборна коалиција со АА и други албански партии, додека се мерат аргументите „за“ и „против“ предизборна соработка со СДСМ.
–На последната средба на Ахмети со Димитар Ковачевски и Зоран Заев, поранешниот премиер Заев презентираше податоци од анкети дека предизборна коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и Алијанса подобро котира од ВМРО-ДПМНЕ во сите изборни единици освен во третата и четвртата, а севкупно излегува како победник со потенцијал да формира влада – вели функционер на ДУИ, истакнувајќи дека конечната одлука допрва ќе се носи врз база на темелни анализи.
Во меѓувреме, пак, на политичката сцена се одвива еден друг процес, чиј епилог може да помати многу планови и очекувања, а тоа се преговорите меѓу лидерите на албанската опозиција со Таравари. Како што велат добро упатени извори од албанските опозициски партии, тие го убедуваат Таравари да им се приклучи со Алијанса, со дел од неа ако дојде до раскол, па дури би прифатиле и тој да дојде како поединец и да го предводи опозицискиот фронт.
–Кога ја формиравме коалицијата ги тргнавме суетите, така што немаме проблем да препуштиме фронтмен на сојузот да биде Таравари, кој би можел да биде и нашиот претседателски кандидат. Зошто да не биде лидер на промените во албанскиот блок, а да прифати да биде лидер на партија без реална контрола врз партиските структури, кои после избори ќе го тргнат од лидерската функција – прашува функционер од албанската опозиција, информирајќи дека наскоро одат на нова средба кај косовскиот премиер Албин Курти.
ДУИ ќе исфрли претседателски кандидат на изборите, ако тоа го направи албанската опозиција!