Демократската унија за интеграција е задоволна и благодарна за масовноста на граѓаните за поддршка на кандидатурата на Бујар Османи за претседател на државата. Од вчера Османи е првиот и засега единствен официјален кандидат за претседател на изборите на 24 април, велат од владејачката партија.
– Собирањето потписи се одвиваше според очекуваната динамика на Републичкиот изборен штаб и по успешното завршување на процесот, ДУИ и Османи ќе се фокусираат на презентирање на нашите идеи пред граѓаните, за кои сме убедени дека ќе бидат прифатени и поддржани. Како што веќе знае јавноста, прогресивната идеја на лидерот Али Ахмети е претседател на државата да биде избран во Собранието со 2/3 од гласовите и со Бадентер – велат од партијата преку соопштение.
Според ДУИ, со тоа ќе се избере „претседател со целосен легитимитет, заштеда од над 20 милиони евра во државата, десетици илјади граѓани ќе се поштедат од процесот на собирање потписи и сите граѓани ќе се поштедат од кампања и учество на избори за протоколарна функција“.
– Идејата потекнува од 2009 година, кога лидерот Ахмети на Вториот изборен конгрес на ДУИ во Скопје, изброи 12 позиции, тогаш недостапни за Албанците, вклучително и за претседателот на државата. Оттогаш оваа прогресивна идеја ја имаме во сите наши изборни програми и чекор по чекор ја спроведуваме. Потребни ни се сите гласови, и од Албанците и од Македонците и од сите останати, за да се овозможи измена на Уставот, во исто време и за избор на претседател и за уставните амандмани кои произлегуваат од Договорот за добрососедство, за да се продолжи решително кон Европската Унија – стои во партиското соопштение на ДУИ.