Демократската унија за интеграција остро реагира на денешната изјава на министетот за здравство Арбен Таравари дека функционери на ДУИ се повикуваат во надлежни обвинителства и дека за кусо време ќе се дознае кои се тие. Од ДУИ велат дека се работи за истражни процеси креирани, режирани и оркестрирани од Владата против политичките противници.
„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта.
ДУИ поддржува неселективното владеење на правото и бара меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции. Сите нелегитимни албански експоненти во Владата континуирано се прозивани за големи коруптивни афери од страна на ВМРО ДПМНЕ и нивниот кредибилитет е нула во однос на доброто владеење, напротив мора да сносат одговорност за нивните злоупотреби“ велат од ДУИ.
Оттаму додаваат дека ваквите изјави ги читаат во Брисел и Вашингтон, затоа што, како што наведуваат од партијата, нѐ оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности и ги враќаат застарените времиња на конструкции со политички лов на вештерки.