Обиди за дестабилизација има и ќе има. Мотиватор се челниците на ДУИ кои грчевито се борат на национална тема да мобилизираат луѓе за протести, по можност насилни, смета премиерот Христијан Мицкоски за можни протести на опозициската ДУИ откако тие не исклучија таква можност по укинувањето на „балансерот“. Но, дециден е дека владата е подготвена да ги пресретне.
-Политиката на ДУИ во последно време е ДУИ против ДУИ. ДУИ во опозиција го демантира ДУИ во власта. На 23 јули 2023 година на владина седница, членови на ДУИ, кои што додека играат фудбалчиња, претпоставувам читуцкаат какви реформи носат, една од тие реформи е реформата во јавната администрација, каде што јасно вели дека треба да биде избришан балансерот. Сега, кое ДУИ ја зборува вистината. Тоа, додека жонглира по канцеларии и гласа вакви реформи во јавната администрација или ова ДУИ во опозиција кое грчевито се обидува на национална тема да мобилизира луѓе, да направи протести, по можност насилни и да ја дестабилизира Македонија со една цел, да ги заштити парите кои што ги имаат натрупано овие 23 години во кои беа дел од власта. Треба да им е јасно на граѓаните, кое ДУИ ја говори вистината. ДУИ ги потценува граѓаните за кои мисли дека имаат кратко помнење. Никој повеќе нема да даде поддршка на политичари кои што злоупотребуваат национални теми а при тоа ги ограбуваат истите тие граѓани. Затоа, да заклучам. Обиди има и ќе има. Подготвени сме, рече Мицкоски.
Додека Арбен Таравари од вреди идната недела најавува јавна дебата за предлог законот за правична застапеност кој го предлага „Вреди“, како замена за „балансерот“, Мицкоски смета дека овој предлог треба да се испрати на мислење до Венецијанската комисија.
-Јас нема да бидам секундант, но тоа што го знам е дека новото законско решение мора да биде уставно и согласно препораките на Венецијанската комисија. Затоа е можеби подобро, пред да биде донесено во парламентот, да се испрати на мислење, за да не се доведуваме повторно во една ваква состојба. Ние не може да се претвораме во уставно-правни експерти бидејќи не сме, и не смееме да кажуваме како требало. Можеби откако ќе се искристализира и решението ќе биде на основа на предлог, да го пратиме на мислење во Венецијанската комисија, тие да кажат дали е во ред или не е, и тогаш да го донесеме, бидејќи тогаш ќе имаме уште ден механизам во таа катализација плус, кој што ќе биде на наша страна, рече Мицкоски.