ДУИ примила донации од кичевски компании што добивале тендери

by Фокус

ДУИ во втората половина од изборната кампања примила донации од 12 физички лица во вкупна вредност од 1,2 милиони денари или 19.500 евра, покажува извештајот што партијата го доставила до надлежните институции, што произлегува како обврска од Законот за финансирање на политички партии. Според овој извештај, јавни функционери од редовите на партијата донирале суми од 10.000 до 165.000 денари.

Покрај тоа, ДУИ примила донации и од две компании. Едната е „Линди ЈТД“, која донирала 158.000 денари, додека другата е „Ас Сењак“, чија донација изнесува 150.000 денари. Освен што е двете компании се од Кичево, заедничко за нив е што во изминатиов период работеле на јавни проекти. Притоа, тие добивале тендери и од институции раководени од кадри на интегративците.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата „Линди ЈТД“ во изминатиов период соработувала со Општина Кичево и кичевското јавно комунално претпријатие. Така, најголемиот договор компанијата го склучила токму со општината на чело со градоначалникот Фатмир Дехари кон крајот на 2019 година за изградба, реконструкција и санација на локални патишта, улици, тротоари и други јавни површини, во вредност од скоро 30 милиони денари.

Што се однесува до другата компанија-донатор – „Ас Сењак“, и таа соработувала со локалната самоуправа во Кичево, така што во втората половина во минатата 2019 година двете страни склучиле договор за изградба, реконструкција и санација на локални патишта, улици, тротоари и други јавни површини во вредност од 27 милиони денари. Исто така, компанијата имала силна соработка и со Општина Прилеп.

Исто како и двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и ДУИ на изборната трансакциска сметка префрлила пари од редовната партиска сметка. Поточно, партијата на изборната сметка префрлила средства во износ од 2,9 милиони денари, кои претходно биле уплатени на редовната сметка по основ на членарина и донации. На тој начин, партијата во вториот дел од кампањата остварила приходи од 4,5 милиони евра или над 73.000 евра.

Што се однесува во првите десет дена од изборната кампања, како што веќе објави Фокус, кај партијата на Али Ахмети беа регистрирани донации од незначителни петстотини евра, префрлени од партиската сметка, како и од партискиот институт „Абдулаќим Адеми“, кој функционира како истражувачко-аналитички центар во поддршка на партијата, финансиран со буџетски пари.

Влатко Стојановски

Поврзани новости