Непредвидиливи последици по мирот и безбедноста во земјата најавува ДУИ за идната среда кога е закажана седницата на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците. Според партијата на Али Ахмети, 11 декември е денот што може да промени се и затоа ја повикуваат меѓународната заедница да го спречела овој чин.
„Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана. Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме се за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата“, порачаа интегративците.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, тврди дека не постои опасност по безбедноста на државата и вели дека Владата тоа нема да го дозволи.
– Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме сè за да гарантираме безбедност, посебно сега, во услови кога сите индикатори, економски параметри, ниво на странски инвестиции, зголемени плати, реформи, раст на БДП,… одат во позитивна насока.
Ние сме свесни дека тие елементи сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ние, ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во Уставниот суд се судии избрани од страна на мнозинството на СДСМ и ДУИ, кои сега токму ДУИ ги напаѓа.
– Да ја почекаме седницата, да видиме како ќе се развива и ќе еволуира – рече премиерот.
Уставните судии-Албанци ќе ја бојкотираат седницата на која ќе се одлучува за албанскиот јазик