ДУИ прашува „што се крие зад долгото чекање што ги тера граѓаните да размислат двапати за посета на Косово“.

by Fokus

Демократската унија за интеграција денеска соопшти дека има долги колони на премините меѓу Македонија и Косово, наведувајќи дека македонската влада го попречува слободното движење на Албанците меѓу Косово и Македонија и „ја спроведува идејата за „српски свет“. Од коалицијата ВЛЕН ги отфрлаат ваквите тврдења и возвраќаат дека токму тие успеале да потпишат договор со Приштина за формирање единствен, интегриран премин, кој, како што велат, наскоро ќе стапи на сила.

Во денешното соопштение ДУИ прашува „што се крие зад долгото чекање што ги тера граѓаните да размислат двапати за посета на Косово“.

„Долгите и неприфатливи чекања на граничниот премин меѓу Македонија и Косово создадоа голема пречка за слободното движење на луѓето. Скопје и Приштина, двата најблиски главни градови во регионот со помалку од еден час патување, сега станаа недостапни“, тврдат од ДУИ.

Тие велат дека зад ова се крие план за забавување на комуникацијата и соработката меѓу двете страни и дека им се чини дека „одложувањата се намерни и имаат за цел да ги обесхрабрат силните и блиски врски меѓу Косово иа Македонија, особено меѓу Албанците. ”

„Ова изгледа како обид да се наметне влијанието на српскиот свет, кој веќе ја зафати оваа власт. И што е најболно, соработници во оваа политика станаа партии со еден процент поддршка. Време е граѓаните и институциите да реагираат на оваа вештачка пречка која ги поткопува нашите братски односи и го кочи развојот на економската, културната и социјалната соработка меѓу Албанците. Слободното движење не е само право, туку и неопходност за нашиот народ од двете страни на границата“, заклучуваат од ДУИ.

Од коалицијата ВЛЕН возвраќаат дека со нивното сериозно и одговорно раководство успеале за неколку месеци да потпишат договор за „едношалтерски систем“, односно интегриран граничен премин со Косово, кој наскоро ќе стапи на сила.

„Ова ќе отвори нови можности за движење на луѓе и стоки, што ќе биде корисно за граѓаните и за двете земји, додека ДУИ потпиша едношалтерски договор со Србија“, наведуваат од ВЛЕН.

Тие наведуваат и дека односите со Косово се на најдобро ниво, потсетувајќи на посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и на заедничката седница на владите на Косово и Македонија во Приштина, кои според нив се доволни знаци кои укажуваат на политичката ориентација на актуелната влада.

„ВЛЕН е посветен на зајакнување на соработката и односите меѓу двете земји. Иднината на Албанците е врзана со развојот на регионалната соработка, а ВЛЕН е фокусиран на создавање можности за подобрување на односите меѓу Албанците, бидејќи сметаме дека ова е единствената можност да се оди напред“, додаваат од коалицијата.

Поврзани новости