Поддржувачите на ДУИ денеска во 17 часот ќе излезат на мирен протест заради поставување на 52-метарскиот крст во општина Бутел, најави чаирскиот градоиначалник Изет Меџити, кој воедно е потпретседател на „интегративците“.
– Одлуката на општина Бутел за поставување на крстот има единствена цел, преку инструментализација на верата за политички цели, да провоцира и произведе етнички тензии и етнички судири во Македонија – рече Меџити.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пак, им порача на граѓаните да не паѓаат на, според него, овие провокации на коалициските партнери во владата.
– Мислам дека тоа е веќе видена игра на двајцата партнери секогаш пред избори да се спечали некој политички поен, а тоа не е добро. Пораката до ДУИ е дека сите овие проблеми би требало да се решаваат во институциите на системот – рече тој.