ДУИ: Оставката на Весна Дамева ја одразува алармантната состојба на заробената држава

by Fokus

„Оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, претставува уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите. Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата“ велат од опозициската ДУИ.

Сметаат дека „оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта“.

„Демократската унија за интеграција најостро ги осудува политичките напади врз госпоѓа Дамева и бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет. Ваквите напади не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда. Апелираме до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата. Јасно е дека граѓаните не можат да очекуваат правда од влада која ги напаѓа правосудните институции за политички добивки“ е ставот на партијата.

Интегративците сметаат дека „Ова е повик за рефлектирање и делување. Независноста на судството е столб на секоја демократија, а неговото заробување е чин што ја загрозува стабилноста и иднината на државата“.

Поврзани новости