Претставници на локалниот огранок на ДУИ и граѓанската иницијатива „Гостивар кој го сакам” оставија десетици ќеси со отпад пред Општина Гостивар, во знак на револт и незадоволство од, како што велат, хигиената во Гостивар.
Африм Аручи, носител на листата за советници од ДУИ, во обраќањето пред општинската зграда посочи дека сметот е собран во различни делови.
-Нашите членови денес излегоа на терен и ја завршија работата која е обврска на локалните власти. Ги исчистивме населбите од ѓубре, бидејќи овие четири години чистотата во градот е под секое ниво и без институционална грижа. Тука за да ѝ дадеме до знаење на јавноста дека пред четири години Таравари зборуваше за чист град, а денес секој агол од градот е полн со ѓубре – рече Аручи.
Градоначалникот Арбен Таравари, пак, посочи дека станува збор за предизборна активност која е упатена на погрешна адреса.
-За депонијата треба да протестираат пред Министерството за екологија, бидејќи таму уште не е завршена работата до крај. Но, навикнати се да го обвинуваат Таравари за се. Па така јас сум виновен и за многуте казина во градот, во Струга, во Чаир, за неизградената болница во Кичево па дури очекувам да ме прогласат за виновен и за неизградените автопатишта кон Блаце и Охрид. Убеден сум дека на 17 октомври ќе го добијат одговорот од граѓаните – рече Таравари.