По завршувањето на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција ДУИ, портпаролот Арбр Адеми информираше за заклучоците. Тој рече дека се анализирала актуелната политичка состојба, а како заклучок е донесен дека таа влијае врз меѓуетничките односи.
-ДУИ ги следи со сериозност и загриженост сите политички случувања во земјата и во регионот, почнувајќи од оддалечувањето на нашата земја од европската Унија и разделување на Албанија од пакетот со Македонија, визави европска Унија и затоа оценуваме дека тоа лошо влијае врз меѓу етничките односи во земјава. Потоа Централното претседателство изразува загриженост и за меѓуетничките односи, кои нели се напаѓаат од политиките на оваа моноетничка влада, без легитимитетот на сите етнички заедници. Исто така апелираме и до меѓународниот фактор, кои се потписници на Охридскиот мировен на договор особено до Соединетите американски држави и Европската унија за ангажирање, продолжување на нивниот ангажман за почитување на Охридскиот мировен на договор, истакна Адеми.
За втората точка рече дека е одлучено да почнат предложeните отворени седници на ограноците на ДУИ со граѓаните. За протести не било дискутирано, иако како што рече Адеми тоа е дел од агендата, но се уште не е на дневен ред.
-Почнуваат оваа недела. Во среда ќе биде таква средба која се организира од огранокот на демократската унија за интеграција во општина Липково во 19 часот, па продолжува со Сарај во рамки на огранок. Така што и за другите средби од ваков тип отворени состаноци на ДУИ со народот со граѓаните ќе се организираат и во сите ограноци. На овие средби ќе учествува и највисокото раководство на ДУИ. Ќе им објасниме на граѓаните за сите политички случувања во земјата и во регионот, за сите овие неуспеси со кои ние се оддалечуваме од Европската Унија. На крај секако, тоа што ќе биде, нивна волја ќе биде преточено во наши конкретни политички активности и генерално во конкретна нашата политика, ќе се крои во сите таму во сите овие отворени средби што ќе ги имаме со ограноците, потенцираше Адеми.
На новинарско прашање дали најавената поддршка за уставни измени значи и прифаќање на идејата да се смени Уставот, но со одложено дејство, Адеми рече дека тоа претставува оддалечување од стратешките цели.
-Ние ја истакнуваме важноста за блиска координација на нашата земја со Европската унија, а мислиме дека сето она што е постигнато досега е како објект на договор меѓу нашата земја и Европската Унија. Секој обид за оддалечување, реформулирање на тие обврски што произлегуваат од Преговарачката рамка е обид за да не се реализира нашата стратешка цел. Така што ние велиме, времето, било пред, година и пол, две години за уставните измени, но и сега велиме ајде, повелете, да ги процесуираме уставните измени и ќе имате поддршка од ДУИ, рече Адеми.
Портпаролот рече дека повторно на состанокот на ДУИ било дискутирано за законот за ветинг, за кој како партија бараат да се донесе заради зголемување на довербата на граѓаните пред се во правосудството.
-Се истакна и одлуката на нашата политичка партија која е донесена одамна за истрага за сите политички партии во земјата, без исклучок, почнувајќи од ДУИ до последната политичка организација. Исто така истрага за потеклото на богатството на секој политичар кој е е или бил носител на јавна функција или носител уште е на партиска функција, без исклучок. Истражување за процесот на приватизација на земјата од денот на осамостојувањето на нашата земја па до денеска, истакна Адеми.