ДУИ обвинува за етничко чистење во институциите, Мицкоски вели – игнорирајте ги!

by Фокус

Демократската унија за интеграција обвинува дека власта врши кампања на етничка дискриминација и отпуштања на Албанците од државните институции. Од опозициската партија велат дека со тоа се нарушуваат принципите на еднаквост и мултиетничка хармонија и бараат од Владата веднаш да запре со ваквите однесувања.

„Под превезот на лажниот патриотизам и реториката за „враќање на Македонија на Македонците,“ се спроведува систематски обид за деградирање и маргинализација на професионалци кои на оваа држава и служеле со лојалност и професионализам“, стои во соопштението од партијата на Али Ахмети, додавајќи дека ова им се случувало на, како што велат, посветени службеници од албанска националност.

Ве молам да ги игнорирате и не придавајте значење на ваквата реторика, одговори премиерот Христијан Мицкоски. Тој потврди дека во дел од институциите има отпуштања, но дека се работи за лица кои ја злоупотребиле позицијата и вршеле незаконски дејства.

-Ќе се заострува реториката од таму, како ќе доаѓаме до криминалците се пожестока ќе биде и понационалистичка и поиредентистичка таа реторика. Првите кога ќе влезат во притвор, првите судски процеси уште појако ќе биде. За да го заштитат криминалот, трговските центри имотите, парите, милионите и така натаму единствена алатка што им стои на располагање е ова. Ве молам да не придаваме значење – изјави Мицкоски.

Поврзани новости