ДУИ изразува „длабока загриженост и револт поради одлуката на актуелната влада ВМРО–ВРЕДИ да не даде согласност за засновање на постојан работен однос на 155 медицински сестри во Клиничката болница во Тетово – професионалистки, мајки и столбови на стотици семејства, кои со години посветено им служат на пациентите и на јавното здравство на државата“.
Од опозициската партија велат „таквата одлука не е само неправедна и политички мотивирана, туку содржи и елементи на отворена етничка и родова дискриминација. Наместо да се вреднува професионалноста на овие вработени, од кои многу беа во првите редови за време на пандемијата, тие беа игнорирани на најнедостоинствен можен начин“.
![]()
„ДУИ, како државотворна партија што со години вложува во изградбата на правичен и еднаков систем за сите граѓани на Северна Македонија, ја смета оваа одлука за опасен преседан кој сериозно го нарушува довербата во институциите, ги поткопува темелите на соживотот и ја враќа исклучувачката логика од минатото. Неприфатливо е во држава што стреми кон членство во Европската Унија, со еден потпис да бидат исклучени 155 мајки и сестри, како резултат на затворен, партиски и слеп пристап кон општествената реалност“ е партискиот став.
Од ДУИ бараат итно повлекување на оваа одлука и враќање на медицинските сестри на нивните работни места, со постојан работен однос.