Пратеникот од редовите на ДУИ и поранешен министер за образование, Арбер Адеми синоќа изрази оптимизам дека уставните измени ќе се случат. Тој дури вели дека за да се реализираат, има време до изборите на 8 мај 2024 година.
„Ние како општа политичка партија во државата со јасна проевропска ориентација не се откажавме и даваме се од себе се додека постои овој состав на законодавниот дом“, рече Адеми во емисијата „10 минути“.
„Изборите се закажани за 8 мај. Имаме месеци пред нас, доволно е да има политичка волја“, кажа пратеникот.
Роковите што власта ги планираше за уставните измени беа да бидат направени до крајот на годината, кога се очекува да заврши скрининг процесот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија. Во меѓувреме процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август, но собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата со оглед дека вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ засега не успева да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот. Во вакви услови периодов почнаа жестоки изборни препукувања и според изјавите на власта и опозицијата, сега императив е да постигнат консензус за датум на изборите.