ДУИ: Насилството врз Никола Саздовски е за целосна осуда, виновниците да се изведат пред лицето на правдата!

by fokus

Од владејачката партија од албанскиот блок, ДУИ, изразуваат длабоко сочувство до родителите, фамилијата и блиските на починатиот Никола Саздовски.

„Загубата на млад и невин живот, особено на насилен начин, каков што беше овој немил настан, претставува чин кој секогаш и од секого заслужува целосна осуда. Насилството претставува чин за кој нема и не треба да има никакво оправдување и во тој контекст изразуваме целосна поддршка на органите за безбедност и спроведување на законот, за целосно расчистување на случајот, и без никаква задршка, изведување на виновниците пред лицето на правдата. Според информациите кои се достапни на целата јавност, учесниците во овој немил настан се навремено идентификувани, и определени се понатамошни мерки во постапката, со што, правно, очекуваме брзо, правично и ефикасно спроведување на правдата“, велат од партијата.

Од таму додаваат:

„Со оглед на насилната природа на овој настан, и пораката за омраза која е испратена со овој чин, но и со целосно разбирање на револтот на роднините и пријателите на младиот Никола Саздовски, како и јавниот израз на загриженост на граѓаните, сакаме да упатиме апел кој ќе води кон смирување на овој револт, апел за воздржување од провокации, особено апел за воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, кои претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани“, пишува во партиското соопштение.

Поврзани новости