Демократската Унија за Интеграција ја повикува опозицијата да се приклучи кон напорите за европска Северна Македонија и продолжување на интегративниот пат како единствена алтернатива за нашата земја, велат од таму. Нивниот повик следи по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека пратеник на ДУИ барал пари за да гласа за уставните измени кога ќе дојдат на ред.
Од ДУИ велат дека наративот на ВМРО-ДПМНЕ, нивното размислување и делување, е ист како тој пред 6-7 години кога партијата, како што велат, меѓународно се изолираше.
„Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија“, велат од ДУИ.
Од таму додаваат дека во ВМРО ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна.
„Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори. Храброста и одлучноста во носењето одлуки се наградува од страна на граѓаните, но и од нашите евроамерикански пријатели. Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за Европска Северна Македонија. Загрижувачки се недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против Европската интеграција и одбивањето на помошта од нашите меѓуранордни партнери, но ние сме убедени дека пратениците и граѓаните не ги споделуваат изолационите и антиевропски ставови на нивните лидери, туку ќе одлучат храбро и мериторно за продолжување на европскиот пат“, соопштија од ДУИ.