За неполн месец ќе се знае кој обвинител ќе ја заземе позицијата што до неодамна ја имаше обвинителката Вилма Русковска. Поточно, на 7 ноември, обвинителите од целата држава ќе гласаат кој да биде новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Изборот за првпат зависи од сите обвинители во државава, но, сепак, не се исклучуваат лобирања и притисоци. Веќе наголемо се зборува дека од ДУИ имале свој фаворит, односно замислиле шеф на Организиран да биде некој по нивен „вкус“.
Засега, единствено скопскиот обвинител Ермон Незири јавно, во интервјуто за „Фокус“, објави дека сака да застане на шефовската позиција. Тој првпат за обвинител бил избран во 2009 година.
Како што дознава „Фокус“, својата апликација веќе ја поднела обвинителката Енѓелуше Кадриу Леши. Таа првпат за обвинител во скопското обвинителство беше избрана на крајот на 2012 година, а на екипата во Организиран се приклучи во 2018 година. И името на гостиварскиот виш обвинител Ислам Абази, според сознанијата на „Фокус“, е можно да се најде на листата на кандидати. Тој за шеф беше избран во 2018 година, а сега е можно обвинителската кариера да ја продолжи во Скопје. „Фокус“ во најновиот број на неделникот ги открива и другите можни кандидати.
Во меѓувреме, пак, сѐ погласно се зборува за шпекулацијата дека од политичката партија ДУИ му „фрлиле око“ на ова обвинителство, односно сакале на чело да застане обвинител „скроен“ по нивна мерка. Ваквата опција лесно би била изводлива доколку пред изборот се повлечат дел од пријавените кандидати или, пак, воопшто нема да конкурираат, а како опција, на пример, останат еден или двајца кандидати.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Валентина Вурмо