Претседателството на ДУИ на синоќешниот состанок побарало од ограноците на партијата да подготват кандидатури за општинските совети и за градоначалници, објавува телевизија Алсат М.
-Сите ограноци на републичко ниво одржаа состаноци, ги одредија кандидатите и за општинските совети и за градоначалници и поднесени се до централното раководство кои ја донесува конечната одлука. Верувам дека на почетокот на следната недела ќе може да се одржи состанок на претседателството каде ќе се разгледаат предлозите кои доаѓаат од ограноците“, рече Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Во меѓувреме во ВМРО-ДПМНЕ очекуваат заедно со локалните да има и предвремени парламентарни избори, за, како што ни рече партискиот портпарол Иво Котевски, граѓаните да може да одлучат и за „Тиранската платформа“.
-Подготовките за локалните избори ги започнавме на време и партијата е во целосна кондиција во секој момент да излезе на редовни локални и предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ очекува пратениците на останатите партии да разберат дека состојба со распределбата на силите е неодржлива и оти е неопходно истите трошоци да се направат и за предвремените парламентарни избори, изјави Иво Котевски од ВМРО-ДПМНЕ.