Во тек на вчерашниот ден во парк Жена борец во Скопје, по отворениот повик од страна на родители на деца со попреченост, дојдоа претставници на политичките партии од земјава, со цел да го потпишат документот со кој ќе се заложат за исполнување на нивните барања.
Станува збор за кампања иницирана од Маргарита Маги Милошеска, мајка на девојче со попреченост, насловена „Да создадеме свет без граници”. Милошеска мината седмица јавно преку „Фокус”, но и со писмени покани, ги повика лидерите на сите политички партии да дојдат на средбата во паркот, каде со потпис ќе им ја дадат поддршката.
Таа појаснува дека се работи за документ составен од десет точки, во кои се бараат подобри услови за живот на децата со попреченост, со кои исто така ќе им се олесни и животот на родителите.
-Бараме родителите на овие деца да можат да одат во пензија на 55 години, зголемување на додатоците, тргнување на возрасната граница од 26 години за овие лица во здравството, и измена на други закони, со цел лицата со попреченост да добијат подостоинствен и полесен живот. На средбата свој потпис како поддршка и еден вид на збор дека ќе се заложат за исполнување на нашите барања за време на својот мандат, ни дадоа СДСМ, Левица, Македонски концепт, Алијанса за Албанците… Од Интегра претставник го зеде документот првин да го разгледа, па ќе не извести дали ќе биде потпишан. За жал, никој од ДУИ не појави на настанот. Од ВМРО ДПМНЕ пак, дојде нивни претставник, но не го потпиша документот со нашите барања. Разочарувачки е, бидејќи се работи за две големи партии. Благодарни сме им на сите политички партии кои дојдоа и го потпишаа документот со нашите барања, и со тоа се заложија за нивно исполнување. Разочарана сум што воопшто не се појавија од ДУИ, очекував дека ќе дојде нивни претставник. Исто така, разочарана сум од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, бидејќи не сакаа да се потпишат. Ветија со збор дека ќе ни даделе можеби и повеќе од тоа што бараме, но ние имаме искуство со ветувања во ветар во минатото, и не сакаме повеќе да веруваме. Но, можеби е и фер од нивна страна да не го потпишат она за кое не се сигурни дека ќе го остварат. Сепак, мора да потенцирам дека нашите барања се многу издржани и нема ништо посебно што не би можело да се оствари – ни изјави Милошеска, која исто така е координатор во Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби.
Вики Клинчарова