Демократската унија за интеграција го осуди нападот врз претседателот на Фудбалската федерација, Муамед Сејдини, и изрази загриженост дека ова треба да биде силен аларм оти меѓуетничките тензии во земјата се зголемени.
„Овој инцидент се случува во време кога Владата се однесува како ‘бик во продавница за порцелан’, игнорирајќи ја и маргинализирајќи ја улогата на Албанците во јавниот и институционалниот живот и потценувајќи ја важноста на меѓуетничките односи. Ваквите постапки, кои доаѓаат во недела со серија други инциденти со етничка заднина, само дополнително ја влошуваат ситуацијата и создаваат опасна атмосфера за меѓуетничкиот соживот“, се вели во соопштението на ДУИ.
ДУИ тврди дека претседателот на ФФМ бил нападнат само поради неговата етничка припадност.
„Овој напад се случува и во контекст на голем неуспех во процесот на европска интеграција, што предизвика длабоко разочарување и ги затемни перспективите и надежите на нашите граѓани. Навредливите изјави на министерката за образование, која ги навреди вработените Албанци, нарекувајќи ги ‘неписмен народ’, дополнително ги зголемуваат тензиите и поделбите во општеството“, продолжува понатаму во партиското соопштение.