ДУИ ги потврди носителите на листи – Ахмети во шестката, Села во петката, Блерим Беџети во првата изборна единица

by fokus

Генералниот совет на Демократската унија за интеграција денеска во Тетово ги утврди носителите на листи за пратеници со кои ќе настапи на претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај.

Во Првата изборна единица носител на листата ќе биде Блерим Беџети, во Втората – Садула Дураку, во Третата – Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, во Четвртата – Енвер Хусеин од Демократската Партија на Турците на Македонија, во Петтата – Зијадин Села и во Шестата изборна единица носител на листата ќе биде претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Уставните измени, евроинтеграцијата, добрососедството, бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција, економскиот рамковен договор…се столбовите врз кои ќе се заснова заедничката програма на коалицијата „Европски фронт“, информираат од ДУИ.

Како што информираа оттаму, партискиот лидер Ахмети ги информирал членовите на Генералното собрание на партијата за формирањето на „Европскиот фронт“ и заедничката програма на коалицијата за евроинтеграции и спречувањето на руските влијанија во државава и регионот.

Како што посочуваат од партијата, Генералното собрание на ДУИ едногласно го поддржале формирањето на „Европскиот фронт“ и заедничката кандидатура за претседател на Бујар Османи.

– Генералното собрание на Демократската унија за интеграција ги повикува сите членови на ДУИ и сите граѓани да го поддржат „Европскиот фронт“ и нашата кандидатура за претседателските избори Бујар Османи, се наведува во соопштението на ДУИ.

Поврзани новости