ДУИ: Бетон и корупција го гушат Чаир – кој ќе сноси одговорност?

by Fokus

„Наместо да ја префрла вината и да измислува оправдувања за своите неуспеси, градоначалникот на Општина Чаир треба да им даде одговори на граѓаните за урбаниот хаос и неконтролираното бетонирање што го уништува овој град. Нема воздух, нема простор за деца, нема место за движење, нема осветлување. Има само бетон и корупција. Секој агол на оваа општина е претворен во приватен пазар каде градежните дозволи не се издаваат за развој, туку за лични профити на мала група луѓе. Ова е вистинското лице на лошото владеење што го уништува Чаир и секојдневниот живот на неговите жители“ обвинуваат од опозициската ДУИ.

Од партијата преку соопштение велат „Наместо да ги заштити граѓаните, општината ги тргува нивните интереси. Наместо да донесе паметни инвестиции и проекти што го подобруваат животот, таа дозволи масивни дивоградби што ја уништуваат оваа општина. А денес, кога граѓаните бараат отчет, градоначалникот на општината се обидува да најде имагинарни непријатели за да ја скрие својата неспособност и корупција“.

„Кој ги гради овие монструозни згради без дозволи, без паркинг места, без минимална инфраструктура? Кој го бетонира секој агол од Чаир, правејќи го градот неподнослив за неговите жители? Кој носи одлуки во темница, претворајќи ги улиците и јавните простори во приватни имоти?“ – прашуваат од ДУИ.

Велат „Доста со оправдувања. Доста со лаги. Градоначалникот на Општина Чаир мора да даде отчет за оваа урбана катастрофа. Не може да продолжи да се крие зад празна реторика додека градот пропаѓа под тежината на корупцијата. ДУИ ќе продолжи да го брани Чаир од оние што сакаат да го претворат во град без живот, без план, без иднина. Времето на молкот заврши. Сега е време за одговорност!“.

Поврзани новости