Откако вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во интервју за неделникот „Фокус“ обвини дека автопатската траса кон Блаце била прецртана во планински дел, каде, според него, земјиштето преминало во сопственост на функционери од врвот на ДУИ, реагираа од партијата на Али Ахмети. Како што велат од таму, тврдењата на Николоски во однос на придобивките на функционерите на ДУИ од експропријација при изградба на автопатот Скопје-Блаце се неосновани и целосно невистинити.
„Секоја информација за Коридорот 8 и автопатот Скопје-Блаце е неточна и покажува институционално незнаење од власта со моноетнички легитимитет. Првите 2 километри до границата кај Блаце се завршени од претходната Влада, вие само треба да го пуштите во употреба. Продолжувањето на тој автопат во должина од 10 километри го проектира американската компанија „Хил“, а тоа го финансираше ЕБОР, како и техничката асистенција, што значи ниту еден денар од буџетот не е потрошен.
Овој проект е финансиран со кредит од ЕБОР, каде што околу 30 милиони евра се грант. Трасата на автопатот беше избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце и на воениот полигон Стенковец. Овој основен проект, подготвен за повеќе од 2 години, е тендериран и оваа Влада само треба да го избере изведувачот на работите и да започне изградбата. Секој редизајн ќе трае речиси 3 години.
Што се однесува до експропријацијата, минималната цена за експропријација која досега ја плаќа државата на таа делница е 2 евра, а максималната е 20 евра, така што тврдењата на Николовски се апсурдни. Затоа го повикуваме министерот Николовски да изнесе конкретни докази за неговите обвинувања. Доколку не го направи ова, ќе го сметаме за креатор на лажни вести и пропаганда како и противник на проектите што не поврзуваат со Албанија и Косово“, стои во соопштението на ДУИ.
Инаку, Николоски во интервјуто истакна дека од косовска страна, автопатот поминува покрај река. По секоја логика, додава тој, автопатот треба да продолжи по истата линија кон Скопје. Меѓутоа, како што посочува, проектантите од ЈП за државни патишта под палка на поранешниот директор Ејуп Рустеми од ДУИ побарале мислење од Министерството за животна средина, кое пак по брза постапка им дало мислење дека тој простор треба да се заштити како еколошки заштитено подрачје и сугерираат да се помести трасата.
-Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра. Тоа е расипничко трошење пари.
Плус, прашање е дали тој автопат воопшто е изводлив? Прво, дали има компанија што може да изведе 6 километри тунели за 4 години? Јас мислам дека нема, со цела почит кон сите. И второ, со што ќе се спои овој автопат на косовска страна, зашто ако се изгради овој автопат и Косово ќе треба да ја пробива планината и да го спои на постојниот пат. Затоа, одлучивме да направиме ревизија на проектот… – рече Николоски.
ФОКУС: Само да разјасниме, не говориме за дел од проектот што сега се гради, туку за трасата за која сѐ уште нема тендерирање?
НИКОЛОСКИ: Да, но има претквалификација, значи во понапредна фаза е. Јас сум подобро да го стопираме неколку месеци и да направиме изводлив проект, отколку да остане неизводлив проект.
Да бидам директен, за да нема пак манипулации – јас сум да се изгради Скопје-Блаце и ќе се изгради, но по реална цена и без манипулации.
И еве уште еден предизвик – дали на оваа нова траса, во делот што треба да се експроприра, нови сопственици на земјиштето станале одредени функционери на ДУИ во периодот кога се проектирала трасата?
ФОКУС: Вие имате такви информации?
НИКОЛОСКИ: Да!
ФОКУС: За кои функционери станува збор?
НИКОЛОСКИ: За врвот на ДУИ.
Исто така, Николоски обвини дека, исто како за автопатот кон Блаце, и за изградба на пруга кон Бугарија била избрана најтешката траса, со изградба на 2 тунели под град, со цел, како што нагласува, да се напумпа цената. Воедно, изнесе забелешки и за надзорот над „Бехтел и Енка“, која треба да гради 4 автопатски делници, посочувајќи дека надзорот е лош и неспособен. На крајот, директно обвини дека имало криминал во РЕК Битола, но и во Лотарија, при што ги спомена Артан Груби и Перпарим Бајрами.
Влатко Стојановски