Програмска определба на Демократската унија за интеграција е целосно затворање на сите објекти за организација на игри на среќа, казина и обложувалници во земјата, соопштија од партијата.
Оттаму велат дека „во минатиот мандат ДУИ и Владата предложија закон, кој беше поддржан и од здружението за анти коцкање, за оддалечување на казината и обложувалници на минимум 500 метри од училиштата и верските објекти, како и заострување на условите лиценците и зголемување на даноците за организаторите“.
„Овој закон не ги исполни во целост нашите и очекувањата на граѓаните, од причина што наша заложба од првиот ден е целосно затворање на казината и обложувалниците. Законот беше блокиран речиси 3 години од тогашната опозиција, но конечно беше изгласан и одобрен од Собранието, без поддршка од пратениците кои сега се дел од ВЛЕН. Тогаш поранешниот претседател Пендаровски не го потпиша законот. При прегласувањето по враќањето на законот од страна на Пендаровски, пратениците кои денес се дел од ВЛЕН, не гласаа за усвојувсње на законот и овозможија продолжување на работата на казината и обложувалниците“ велат од ДУИ.
Пратениците на ДУИ и Европскиот фронт поддржуваат целосно и итно затворање на сите објекти за игри на среќа во земјата, се вели во партиското соопштение.