ДУИ: 11 декември – Ден што може да промени сè, одговорноста за последиците не е наша!

by Fokus

Уставниот суд на Северна Македонија одлучи на 11 декември да ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците – еден од клучните столбови на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничката хармонија. Секој обид за укинување на било која одредба од овој закон не е само правен чин, туку претставува директен удар врз стабилноста и мирот кои оваа земја ги изгради со многу жртви, порачуваат од ДУИ.

Оттаму укажуваат дека уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што, според ДУИ, го прави уште поопасно еднострано решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот велат е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на „поништување“ на албанскиот јазик на институционално ниво.

„ Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина.

Демократската унија за интеграција го смета овој момент за клучна точка, каде секој чекор што има за цел да ја наруши оваа деликатна рамнотежа претставува премин преку Рубикон. Ако еднаш оваа линија се премине, нема враќање назад! Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи постигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа“ предупредуваат од ДУИ.

Од партијата упатија апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да го спречат овој чин, кој, како што велат ја загрозува стабилноста на земјата и регионот.

„Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана. Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме сè за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата!“ порачаа од ДУИ.

Поврзани новости