Доколку македонскиот народ одлучил да чекори кон НАТО, Русија ќе ја почитува таа одлука и нема да застане на патот, вели рускиот политички аналитичар, кого западните медиуми го сметаат за главен советник на претседателот на Русија Владимир Путин.
– Нема да застанеме, затоа што ние ја почитуваме одлуката на македонскиот народ. Вие може да велите дека за тоа ќе имаме некое влијание, но не е така. Нашата политика е во насока на создавање повеќеполарен свет. Во овој момент ние имаме многу нови пријатели, и се повеќе сме уверени и отворени кон нив. Но доколку нашето пријателство било кому не му е потребно, ние со жалење само ќе го констатираме тоа, вели Дугин во интервју за ТВ21.
Во однос на спорот за името со Грција, тој е дециден дека тоа е работа само на Македонија, а тоа е вели, и ставот на Кремљ. Смета дека никој нема ултимативно право да лиши еден народ од своето име или идентитет.
– На пример нас да не условат со тоа дека Русија ќе се врати во „Г8“, ако се откажеме од името Русија, нашиот народ тоа нема да го дозволи. Ние сме Руси, вие сте Македонци, вие се чувствувате како Македонци. Зошто да го менувате името, додава Дугин.
Александар Дугин заедно со Леонид Савин, вториот советник на Путин, денеска во Скопје учествуваше на панел расправа насловена „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“ организиран од политичката партија „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев.
Извор: МИА